Зголемен е бројот на прекршоци на јавниот ред и мир во Куманово во текот на минатата 2020 година споредено со 2019-та, покажува статистиката на МВР. Лани биле регистрирани 577 прекршоци од областа на јавниот ред и мир од кои 538 биле реализирани. Во 2019-та година евидентирани се 437 прекршоци од кои 418 се реализирани, додека пак во 2018-та имало 458 прекршоци, а 431 биле реализирани.
Професорот по социологија од кумановската гимназија, Зоран Петрушевски смета дека корона кризата се одразува и на однесувањето на луѓето, кои имаат се понизок степен на толеранција, на покажување на емпатија кон блиските, дека нормалното живеење веќе е нарушено.
– Во однос на секојдневното живеење, јавниот ред и т.н навистина луѓето покажуваат нервоза, поголема агресивност, затоа што состојбите се такви, социјалната психологија вели дека во такви околности ограничени, некоја агресија кај луѓето се јавува како филтер на ослободување на таа потисната енергија-објаснува Петрушевски.
Најдобро, според него е државата да си ги извршува своите функции, своите капацитети или функционирањето на правната држава да биде во многу поголем обем отколку во „нормална“ состојба. А за сите останати, вели Петрушевски битно е да се зборува за состојбата, да се сподели загриженоста, луѓето да бидат потрпеливи, да споделат искуство за да разберат дека сите се во слична состојба, бидејќи состојбата со пандемијата ги погодува сите.