Министерството за надворешни работи на Косово објави денеска дека идниот понеделник, на 1 февруaри, ќе се изврши официјализацијата на дипломатските односи со Израел, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на косовското МНР се наведува дека договорот за воспоставување дипломатски односи ќе го потпишат шефицата на косовската дипломатија Мелиза Харадинај-Стубла и нејзиниот израелски колега, Габриел Ашкенази, на виртуелна свечена церемонија.

Министерката Харадинај-Стубла преку видео-порака по овој повод оцени дека, со признавањето од страна на Израел, „Косово влегува во една нова историска етапа“.

– Овој мошне значаен момент за нас претставува овековечување на долгото пријателство меѓу нашите народи, кое сега се крунисува со воспоставување дипломатски односи, изјави Харадинај-Стубла, нагласувајќи дека „Косово е доживотно благодарно на Соединетите Американски Држави.

Признавањето на косовската независност од страна на Израел беше договорено со посредство на официјален Вашингтон, по повод потпишувањето на договорот за економска стабилизација меѓу Косово и Србија, на 4 септември минатата година во Белата Куќа.

Потписниците на договорот, косовскиот премиер Авдулах Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ, на средбата со тогашниот американски претседател Доналд Трамп, објавија дека го признаваат Ерусалим за израелска престолнина, односно дека во тој град ќе бидат сместени нивните дипломатски претставништва во иднина.