Во македонската амбасада во Тирана, амбасадорот на Република Македонија во Република Албанија, Данчо Марковски имаше работна средба со Васил Стерјовски, лидер на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и пратеник од оваа партија во албанскиот парламент.

-На амбасадорот Марковски му го честитав превземањето на функцијата амбасадор и му посакав успех на високата дипломатска должност. На средбата разговаравме за меѓусебната соработката на Албанија и Македонија и интеграцијата на двете држави во европските структури а ги констатиравме и одличните добрососедски односи, изјави за МИА Стерјовски.

Исто така, на средбата разговарале и за положбата и правата на македонската заедница во Албанија, како и за тековните активности на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), во правец на унапредување на положбата на македонската заедница во Албанија.

– На амбасадорот Марковски му го пренесов ставот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), дека е посветена на добрососедската политика и го поддржува унапредувањето на соработката меѓу Албанија и Македонија за сите прашања од заеднички интерес како и унапредување на правата на македонското и другите малцинства во Албанија, нагласи Стерјовски.

На амбасадорот Марковски, како што вели тој, му посочил дека МАЕИ ќе продолжи да „придонесува за добрите односите меѓу Албанија и Македонија и станува мост за соработка меѓу двете нации и двете земји”.