Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека очекува да биде заедно на Илијана Јотова во претседателски/потпретседателски тандем за наредните претседателски избори, кои ќе се одржат во таа земја до крајот на годината, јави дописникот на МИА од Софија.

Радев вели дека е сигурен дека ќе ја добијат довербата на Бугарската социјалистичка партија (БСП) како нивни кандидати, изразувајќи увереност оти довербата меѓу нив и БСП за нова Бугарија е зацврстена во досегашните четири години.

– Се надевам дека ќе бидеме заедно со БСП, потенцираше Радев.

Тој одби да ги коментира протестите во Русија и апсењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални, појаснувајќи дека освен полскиот претседател Анджеј Дуда, ниту еден друг претседател на држава од ЕУ не го коментирал јавно тоа прашање.

Исто така, Радев одби да коментира и за денешниот ден, кога се одбележува денот на жртвите на комунизмот, а во спомен на 1 февруари 1945 година кога комунистите убиле претставници на бугарската политичка и стопанска елита на земјата со решение на незаконски суд, создаден од бугарските комунисти, јавува дописникот на МИА од Софија.