Повеќе од половина Грци, односно 52,6 отсто, позитивно го оценуваат повторниот почеток на прелиминарните контакти со Турција, иако не се оптимисти за позитивна разврска, а исто толку (52,9 проценти) сметаат дека се влошиле грчко-турските односи во споредба со лани, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење посветено на надворешната политика на Грција, спроведено од агенцијата „About people“ за информативниот портал „Њуз247“, јави дописничката на МИА од Атина.
Поделено е мислењето во однос на ставот и активностите на грчката Влада по прашањата поврзани со Турција, 45,6 отсто од анкетираните сметаат дека владините позиции се веројатно во правилна насока, а 39,9 проценти во погрешна.
Речиси осум од десет анкетирани сметаат дека „не е“ или „веројатно не е“ можна евентуална добра соработка со Турција во блиска иднина.
Во однос на тоа дали граѓаните се загрижени за веројатноста за војна со Турција во блиска иднина, 55,5 отсто одговориле „малку“ или „воопшто“, а 42,5 проценти „многу“ или „доста“.
На прашањето кој премиер по 1974 година бил најефикасен во надворешната политика, анкетираните го одбрале Андреас Папандреу со 34,4 отсто, а по него следат Константинос Караманлис (13,6 проценти) , Алексис Ципрас (9,5 отсто), Кирјакос Мицотакис (8 отсто), додека пак секој петти испитаник не избрал ниту еден од премиерите во изминатите 46 години.
Истражувањето на јавното мислење било спроведено на 27 и 28 јануари со учество на 928 лица со право на глас.