Сведокот Тони Бојковски, во денешното рочиште за организаторите на 27-ми април, кој во 2017 година бил претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ на Гази Баба, рече дека имале доста јавувања од членови за протестите „За заедничка Македонија” и дека ставот на ОК бил дека секој си оди сам по сопствено убедување.

Прашан дали бил контактиран од Спиро Ристовски и Миле Јанакиески за организирање на членството за протестите, сведокот рече дека не бил контактиран.

На прашање од одбраната дали како претседател на ОК Гази Баба на состаноци го гледал Александар Василевски Нинџа, сведокот рече дека додека тој бил претседател го нема видено.

– Александар Василевски, додека јас бев претседател на ОК не присуствувал на состаноци. Немам информации дали бил член на партијата, рече Бојковски.

На прашање од Судот да појасни дали Василевски бил или не член на ВМРО-ДПМНЕ, сведокот рече дека не може да потврди дека бил член.

– Во списокот на членови не сум го видел, но даваше поддршка на членовите, неговото кафуле „Аристократ“ е блиску до ОК и таму доаѓаа помлади членови на партијата, изјави сведокот Бојковски.