Под мотото „Не си сама“ кое стана популарно на Балканот откако актерката Милена Радуловиќ во јавноста објави дека била жртва на сексуално насилство од страна на професорот по глума Мирослав Мика Алексиќ во среда во Скопје ќе се оддржи протест за поддршка на жртвите од „Јавна соба“ како и барање да надлежните институции итно и неодложно да ги санкционираат администраторите и креаторите на групата во која се споделуваа порнографски материјали од девојки и малолетни девојчиња од Македонија.

- Бараме од Јавното обвинителство да ги разреши што побрзо овие случаи, бидејќи „Јавна соба“ се провлекува веќе цела година. На јавноста и е добро познато дека овој случај се појави уште минатата година. Бараме од самите институции да делуваат што е можно побрзо и поефикасно, да се сменат многу регулативи кои ќе им овозможат на жртвите безболна постапка. Исто така бараме да се најдат виновниците, да се казнат администраторите на групите. Задоволни сме што Министерството за правда веќе објави дека ги изработило измените на Кривичниот законик со кои се обезбедува значително поголема заштита на жртвите, како оние од „Јавна соба“, но бараме институциите да дејствуваат по донесените регулативи. Покрај недостатокот на регулативи, забележително е исто така и огромно недејствување на институциите. Тоа мора да се промени – истакна Кристина Иванова од невладината организација ХЕРА во емисијата Утрински брифинг.

Маршот ќе започне во 14.30 пред Министерството за внатрешни работи.