Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, по разговорот со претседателот на Комитетот за надворешна политика на ЕП, Дејвид Мекалистер, изјави дека меѓупартискиот дијалог во Србија ќе продолжи во март, јави дописникот на МИА од Белград.
Дачиќ кажа дека со Мекалистер е постигнат принципиелен договор за продолжување на дијалогот и дека во следните десет дена ќе бидат договорени темите, начинот на работа и форматот.
-Јас го предложив 1 март како почеток на дијалогот, не знам дали ова ќе им одговара на сите, кажа Дачиќ на прес-конференцијата во српскиот парламент.
Тој додаде дека „во дијалогот повторно ќе бидат вклучени Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан, како претставници на Европскиот парламент кои го започнаа овој дијалог и дека за време на дијалогот во Белград „тие ќе работат на терен“.
-Тања Фојон и Владимир Билчик ќе останат дел од дијалогот затоа што се на позиции што се поврзани со Србија, кажа Дачиќ, наведувајќи дека тие двајцата ќе учествуваат во дијалогот „од далечина“, поради пандемијата на коронавирус.
Ова беше втор разговор помеѓу Дачиќ и Мекалистер по повод продолжувањето на внатрешниот дијалог за изборните услови.
Првиот се одржа на крајот на минатата година, а во него, како што беше најавено, Мекалистер ја истакна важноста што ЕУ ја придава на продолжување на меѓупартискиот дијалог и ја поздрави подготвеноста за неговото скорешно продолжување.
Продолжувањето на дијалогот е во согласност со постигнатиот договор во размената на писма помеѓу претходната претседателка на парламентот Маја Гојковиќ и во име на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, во септември 2019 година, поврзани со преговорите меѓу властите и опозицијата за изборните услови.
Парламентарните избори во Србија во 2020 година беа бојкотирани од поголемиот дел на опозицијата, поради изборните услови.
Според претседателот Вучиќ, на пролет идната 2022 година во Србија треба да се одржат нови парламентарни избори.