Според податоците на ИЈЗ, заклучно со 31.01.2021, пријавени се вкупно 90.753 случаи на COVID-19 (I=4.482,6/100.000).
Според место на постојано живеење/ повремен престој, случаи на COVID-19 се регистрирани во 35 градови/ЦЈЗ низ државата. Најголем дел регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп, Гостивар, Штип, Битола и Велес додека највисок морталитет се регистрира во Прилеп, Струга, Охрид и Крушево. Највисок леталитет се регистрира во Крушево и Струга
Највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители се регистрира во Штип со 6.654,3 на 100.000 жители, Скопје (6.549,2/100.000), Кавадарци (6.067,3/100.000), Свети Николе (5.265,2/100.000), Демир Капија (5.062,4/100.000) и Охрид (5.029,5/100.000), а најмала инциденца со 2.168,0 заболени на 100.000 жители се регистрира во Радовиш
Во однос на дистрибуцијата по пол, регистрирани се 47.244 машки и 45.509 женски лица. Специфичниот морбидитет кај машките е 4.558,0/100.000, а кај женските 4.407,0/100.000.
Возраста на заболените се движи од 0 до 101 година (просек – 45,4 години). Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 21.863 (23,6%) со инциденца од 5.704,1/100.000, а највисока специфична инциденца од 6.110,3/100.000 се регистрира на возрасната група од 50-59 години (16.990 заболени). Најниска инциденца од 804,8 и 1.579,4 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 1.842 и 3.952 случаи соодветно
Во однос на датумот на пријавување, првиот случај е регистриран на 26.02.2020. Највисок број на пријавени случаи на дневно ниво (n=1.406) е регистриран на 17.11.2020.
Во однос на симптоми кои се пријавени кај заболените, најчесто се регистрирани температура (68,8%), кашлица (40,8%), малаксаност (40,1%), ослабен осет за мирис и/или вкус (27,0%), главоболка (21,9%), мускулна болка (18,1%), болка во грло (14,1%) и отежнато дишење (9,8%).
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=72.129; 81,1%), кај 17.126 или 23,7% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=72.129; 81,1%), пријавени се 412 (1,8% од пријавените женски лица во фертилен период) случаи кај бремени жени, од кои 58 биле хоспитализирани во текот на болеста. Од вкупниот број на регистрирани бремени жени, 119 се асимптоматски случаи.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=72.129; 81,1%), регистрирани се 3.439 (4,8%) случаи на заболување меѓу здравствени работници.
Во однос на коморбидитети, од случаите кои се епидемиолошки истражени, кај 22.444 (31,0%) лица се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 15.323 лица имаат кардиоваскуларна болест, 5.842 дијабет, 3.256 се со хронична белодробна болест и 3.986 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 4.800 (63,3%) се присутни коморбидитети.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=72.129; 81,1%), 1.029 (1,4%) се импортирани, од нив 11 се детектирани на точка на влез. Вкупно 23.054 лица (32,0%) имале контакт со веќе потврден случај на COVID-19 во државата.
Регистрирани се 2.866 смртни случаи (Лт = 3,1%). Во однос на дата на смрт најголем број на смртни случаи се регистрирани на 30.11.2020 година (n=40), а според недела на пријавување во тек на 48-мата недела (n=218) (Графикон 3). Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (n=2.259) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 589,4/100.000 жители. Регистрирани се 1.800 смртни случаи кај лица од машки и 1.066 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 2.086 (72,8%) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (n=1.636), дијабет (n=732) и белодробна болест (n=326). Регистрирани се 3 смртни случаи кај бремени жени и 23 смртни случаи кај здравствени работници. Од пријавените случаи 175 (6,1%) починале во вонболнички услови, а 2.691 (93,9%) починале за време на хоспитализација.