Математичко-информатичката гимназија во Скопје од „УНИ Банка“ доби донација од 50 компјутери за подобрување на условите за настава во новото државно средно училиште, каде што се едуцираат ученици талентирани за математика, информатика и физика.

Министерката Мила Царовска и директорката на гимназијата Јулија Гајдаџиева му се заблагодарија на извршниот директор на „УНИ Банка“, Владислав Хаџидинев при денешната посета на МИГ, каде што беше промовирана опремената училница.

– Исклучително сме благодарни на „УНИ Банка“, но и на сите останати општествено одговорни компании кои ја сфаќаат вредноста на влогот во образованието и даваат значителен придонес во унапредувањето на националниот образовен систем. Со тоа помагаат во создавањето на што поквалитетни генерации кои, всушност, се и нивниот иден кадровски потенцијал, но и потенцијал за развој на земјата, рече Царовска.

Извршниот директор на „УНИ Банка“ Хаџидинев истакна дека донираната опрема е од највисока класа и дека со оваа иницијатива банката придонесува за успешен развој на информатичкото образование во земјата кое доби големо значење во време на пандемија.

– И покрај овие услови, „УНИ Банка“ уште еднаш докажа дека е една од активните социјално одговорни компании во државата, рече Хаџидинев.

Математичко-информатичката гимназија почна да работи од оваа учебна година, сместена е во средното училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје, а првата генерација средношколци беа запишани со приемен испит по математика и физика.