Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, телефонски разговараше со претседателот на Русија, Владимир Путин и го замоли да и помогне на Србија што поскоро да добие дополнителни количини на руската вакцина, за да што повеќе и побргу српските граѓани добијат сигурна заштита од коронавирусот, јави дописникот на МИА од Белград.

-Вучиќ му се заблагодари на претседателот Путин за поддршката во борбата против коронавирусот, а особено за испораката на вакцината Спутник V, бидејќи таа придонесе нашата земја да биде водечка во вакцинирањето на населението, соопшти Службата за соработка со медиумите на претседателот Вучиќ.

Во разговорот Вучиќ истакнал дека Србија има намера со помош на експерти од Русија, да изгради капацитети и самостојно да произведува вакцини.

Вучиќ потврди дека Србија има намера и натаму да ги развива стратешките односи со Русија и изјави дека можностите за економска соработка се многу поголеми од искористените.

-Затоа треба да се посвети посебно внимание на зголемување на трговската размена, завршување на тековните и започнување на нови заеднички енергетски и инфраструктурни проекти и натамошно зајакнување на соработката во областа на технолошкиот развој и иновациите, како и на воено-техничката соработка, се наведува во соопштението, во кое се додава дека Путин ја истакнал важноста на работата на Меѓувладината мешовита комисија за соработка.

Вучиќ ја истакнал важноста на гасоводот Балкански тек, кој придонесува за енергетската стабилност на Србија.