На кого му е во интерес во екот на епидемијата да ја уништува економијата на Македонија, прашуваат експерти со кои нашиот портал разговараше во однос на новиот Закон за игри на среќа.

Мотив за бесмислен предлог за новиот закон за игри на среќа е исклучиво создавањето на црниот пазар а негово усвојување значи дека во секој подрум ќе се организираат илегални активности. Сведоци сме на такво искуство, веќе имаме видено кај нашите соседи, односно во Албанија и Косово, велат познавачите на состојбите.

- Се чини дека со овој предлог Закон власта им прави услуга на албанските коалициони партнери во Владата, додаваат тие.

Почетокот на процесот на припрема на Законот кој од 21 јануари е достапен на Единствениот национален електронски регистар (Енер), значи само дека повторно во прв план се истакнуваат интереси на оние кои сакаат игрите на среќа да се префрлат на црниот пазар, каде поединци се богатат, а државата губи приход од 280 милиони евра колку што приредувачите годишно уплаќаат во државниот буџет и буџетите на локалните самоуправи.

Повеќе од 10.000 луѓе стравуваат за своите работни места, а вкупно 70.000 директно и индиректно вработени во индустријата на игри на среќа чекаат расплет на срамно напишаното сценарио во кое цела стопанска гранка се гаси поради политички договор на штета на економијата и граѓаните на Македонија.

Новиот закон за игри на среќа неминовно би довел до процветување на црниот пазар, каде што не постои можност за заштита на играчите, ниту малолетниците. Под изговор дека се штитат интересите на малолетниците, со воведување на растојание помеѓу овие објекти и образовните институции од 500 метри, всушност децата се туркаат во илегалното обложување кое би им било на дофат на рацете!

Дали среде криза заради коронавирусот цел е Македонија да остане без стотици милиони евра кои со оваа одлука би се одливале на странски сајтови за обложување? На кого му одговара среде епидемија да се гаси индустрија од која живеат 10 отсто од населението на државата и која учествува со неверојатни 4 отсто удел во бруто домашниот производ? Само на оние кои своите интереси ги ставаат пред економската благосостојба на целата земја и кои не гледаат назад на отпуштените работници, штрајкови...

Со усвојување на новиот закон компаниите од оваа стопанска гранка би исчезнале од мапата на Македонија, што би оставило несогледливи последици врз државата и општеството.

- Ограничувањето на правото на работа низ некои скандалозни законски одредби би довело до кршење на уредбата за заштита на странски капитал и право на инвеститорите и директна штета за државата, која би морала да плати отштета од неколку стотици милиони евра. Граѓаните повторно ќе бидат драстично оштетени доколку било што од новиот закон се усвои во интерес на политички предизборни договори и поединци, коментираат експертите од оваа област кои уште еднаш нагласуваат дека евентуалното донесување на овој закон ќе предизвика хаос и безредие во оваа област и ќе донесе долгорочни штетни последици во економијата.