Институтот за физикална терапија и рехабилитација во Капиштец работи без елаборат за животна средина, која е обврзана законски да го поседува, по што веднаш е задолжен да го изработи во најкус можен рок, а оџаците од котлите на мазут да се чистат редовно согласно правилникот во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување (ДИЖС), констатираше Државниот инспекторат за животна средина по бројните претставки за емисии во воздухот од Институтот преку новата алатка за пријавување загадување.

Затоа, посочија од Државниот инспекторат за животна средина, вчера се спроведе координиран надзор со инспектори за животна средина од Градот Скопје и од Дирекцијата за заштита и спасување.

Чистењето оџаци го подобрува согорувањето и го намалува загадувањето. За постапувањето со медицински отпад немаше забелешки. Исто така, неопходно е да се спроведат мерења на емисиите во воздухот од страна на акредитирана лабораторија и да се подобри одржувањето на котелот, кој е во видливо лоша состојба. По обезбедување финансиски средства во најитен можен рок, треба да се напушти горењето мазут и да се премине на природен гас, да се вградат сончеви колектори и да се подобри енергетската ефикасност, информираа од Државниот инспекторат за животна средина.

Потенцираа дека продолжуваат со надзори во јавните институции во координација со овластените општински инспектори. – Пријавите од граѓаните се корисни и добродојдени, со заедничка акција до почиста животна средина, стои во соопштението од Државниот инспекторат за животна средина.