Воениот и цивилниот персонал на служба на Армијата на Република Македонија не смее да раководи, да ја застапува и претставува било која политичка партија и да биде член на органи на партија утврдени со нејзиниот статут.

Ова се предвидува во измените и дополнувањата на Законот за служба кој наскоро треба да се најде пред пратениците, а доби зелено светло од Владата.

Целта на овој закон, според министерката за одбрана Радмила Шекеринска е да не се доведе во прашање професионалноста, непристрасноста и законитоста во вршење на работите во Армијата и во Министерството од страна на воениот и цивилниот персонал. Дополнувањето е по пример на решението во Законот за внатрешни работи.

Измените во законот предвидуваат и вонредно унапредување на воените старешини распоредени во министерството за одбрана и генералштабот на Армијата кои претходно немале таква можност бидејќи Законот не предвидувал постапка за вонредно унапредување за старешините во Министерството и ГШ.

Армијата веќе има законска можност за стипендирање на студенти со критички специјалности за потребите на Армијата, а новите измени предвидуваат стипендирање од 30 до 80 проценти од просечната плата и еднократна награда за повисоки стипендии од 50 отсто за оние кои ќе имаат просек над 8 и 100 проценти за просек над 9.

Офицери кои не ги исполнуваат целосно условите за пензија 55 години старост и 40 години стаж со измените во законот ќе можат да одат во пензија.

-Ако има некој на пример над 55 години, а има 38 годни стаж или 45 годни стаж, а нема 55 години старост и има интересе од нивна страна да заминат во пензија и од наша заради нивата формација, но ПИОМ не дозволуваше бидејќи едниот од условите не го исполнуваа. Сега ќе можат и тие да одат во пензија со 80 проценти од 10-те најдобри години со плата. Доколку им фали некоја година стаж, основицата за пензиско им се намалува за 0,5 отсто, појасни министерката Шекеринска.