Љупчо Николовски, вицепремиерот за борба против корупцијата, од петни жили се труди во јавноста да ги објасни лошите оценки на Македонија во индексот за перцепеција на корупција како и сместувањето во хибридни режими од страна на Економист во глобалниот индекс на демократија.
Иако, неговата партија повеќе од три и пол години ја практицира власта а целокупната власт во државата е во нивни раце, сепак тој вели дека двајца поединци, односно Наќе Чулев и Рашела Мизрахи били виновни за таквата ситуација во Република Македонија.
- Апсолутно 2020 година сите ја паметиме како година во која оваа опозиција го блокираше работењето на Собранието и многу процеси во време на пандемијата и тоа извештајот го нотира, како што ги нотира успешноста на изборите и воспоставувањето на институциите и механизмите на демократијата, вели Николовски, во однос на оценката „хибриден режим“ на Глобалниот индекс на демократија.
Николовски нотира дека оценката од 3,13 е добиена поради членовите на техничката Влада предложени од опозицијата, меѓутоа не потенцира дека на пример Владата му ги поништи речиси сите решенија на Наќе Чулев кој ги донесе во рамки на неговите ингеренции како технички министер, не потенцираше дека купишта лични карти беа пронајдени кај граѓани непосредно пред изборниот процес, ниту пак дека неколку градоначалници од власта беа приведени па ослободени под сомнение за изборен поткуп. Исто така, Николовски не потенцираше ниту дека Рашела Мизрахи беше разрешена од страна на Собранието каде што неговата партија имаше мнозинство но не поради несовесно или коруптивно владеење туку поради тоа што дала изјава пред табла со натпис Република Македонија.
- Оценката од 3,13 за политичка култура, која е потенцирана во извештајот, посочи Николовски, е токму поради состојбата што ја имавме изминатата година, како неодговорното однесување на некои владини функционери кои беа дел од техничката влада, непочитувањето на мерки и протоколи и се што беше битно, а на некој начин беше нагласено од опозицијата. Постојано повикувавме на одговорност, на високи стандарди, кој треба да ги воспоставиме во критичен период кога немавме собрание, кога државата беше блокирана, но имавме постојано тактизирање се со цел партиските да бидат пред останатите интереси. Како нова генерација треба да повикаме на нови вредности и обединување за клучните работи, изјави Николовски.