Со сослушање сведоци предложени од одбраната во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Прв сведочеше поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој рече дека на 27 април 2017 година имал интензивни комуникации со своите колеги задолжени за извршување на полициски акции и дека немал никаков контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

-Воопшто не сум имал никаква комуникација ниту на 27 април, ниту пред, ниту потоа со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, рече Чавков.

На 27 април, Чавков посочи дека со работа завршил во 16 часот и околу 16:30 часот се упатил кон Технометал Вардар, каде имал приватни работни простории.

-Таму се задржав некаде до 20 часот. Тоа може да се види од извештајот на базните станици и сведочењето на моето обезбедување. Откако бев информиран за прескокнување на оградата, имам интензивни комуникации со моите колеги задолжени за спроведување на полициските акции во Собранието, изјави Чавков.

Само околу 20:30 часот, рече Чавков, имал телефонски повик од Никола Груевски, кој евидентно бил загрижен за случувањата.

-Јас како координатор на телото за воспоставување безбедност на протестите веќе имав преземено акции и контролата беше воспоставена. Повторувам, не сум имал никаква комуникација освен со луѓе директно вклучени за спроведување на полициската акција, значи ниту со Миле Јанакиески, ниту со Спиро Риистовски, само телефонско јавување од Никола Груевски, рече Чавков.

Прашан за комуникација со лицето Александар Василевски Нинџа во врска со протестите пред Собранието, Чавков рече дека го знае само по прекар и дека е дел од криминалното миље, но дека не го познава.

-Првпат физички го сретнав и видов како изгледа во оваа судница, појасни Чавков.