Како втор сведок на денешното рочиште за организаторите на 27-ми април беше сослушан Никола Митревски, кој рече дека се познава од детство со Никола Василевски – Нинџа, но дека не може да договори за дента на 27 април 2017 година бидејќи против него се води постапка за тој настан.
– Сакам да кажам за протестите дека јас сам сум одел по сопствено убедување, рече Митревски.
Рече дека се познава со Владимир Атанасовски и дека сосема случајно ги запознал со Нинџа во теретана.
– Во сведочењето Нинџа, кој ми е кум, кажа дека дента на 27 април во негово присуство Атанасовски ми се јавил мене. Можам да кажам и да се заколнам во моите две деца дека немало таков повик, рече Митревски.
На прашање од Судот, дали Нинџа е член на ВМРО-ДПМНЕ, сведокот рече – да, од 1998 година како и мене.
Прашан дали го познава кафичот Аристократ, сведокот рече дека го знае и бил таму, посочувајќи дека тоа бил маалски кафич.
На денешното рочиште се повикани повеќе сведоци меѓу кои и Емил Димитриев и Кирил Божиновски.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.