Заврши со работа Првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Школата траеше 10 работни денови, а во неа учествуваа 50 слушатели од 15 земји.

– За своето учество посетувачите на Зимската школа добија уверение (кое и во скенирана форма, но и преку пошта многу брзо ќе стигне во нивните електронски сандачиња на нивните електронски адреси, но и на адресите на нивните домови и универзитети ширум светот). Така што сите тие влегуваат во самата историја како први учесници. Но, и сите ние влегуваме во таа иста историја како први реализатори на една ваква зимска школа на на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, информираше проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

На претходните 53 летни школи и 47 меѓународни конференции имаше околу 4500 учесници од 50 земји во светот меѓу кои се наоѓаат имињата на истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, фолклористи, етнолози, археолози, научници и студенти, што го изучуваат македонскиот јазик по универзитетите во светот.