Министерството за образование и наука донесе Решение за финансирање прифатени барања за научно-истражувачки трудови од домашни автори објавени во меѓународни научни списанија со фактор на влијание (импакт-фактор) за 2019 година.

МОН со Решението ги објави прифатените и одбиените барања од автори со научно-истражувачки трудови согласно со Конкурсот за доделување еднократни финансиски средства за објавен научно-истражувачки труд за 2019 година. Од вкупно 302 барања, прифатени се 295 кои ги исполниле условите на конкурсот кој беше објавен во април минатата година.

До крајниот рок, 15 септември 2020, до Министерството за образование и наука биле доставени 302 барања од автори. Нив ги разгледа стручна шестчлена комисија формирана од министерката за образование и наука и состави Предлог-листа. Решението е донесено согласно со Финансискиот план на МОН за 2021 година и Програмата за научно-истражувачка дејност за оваа година.

Од прифатените научно-истражувачки трудови, најголем број (74) се од областа на техничко-технолошките науки, 72 се од природно-математичките науки, 54 од биотехничките, 46 од општествените науки, 45 од медицински науки и здравство и четири од хуманистичките науки. Поднесени се од државните и од приватни универзитети во земјава, од МАНУ, научни установи и институи, како и од самостојни истражувачи.