„Државата одлучно ќе покаже дека знае како да се спротивстави на сите форми на криминал и да ги санкционира оние од редовите на државата, кои соработувале со тие криминалци, помагале или им давале информации, изјави министерот за одбрана Небојша Стефановиќ по седницата на Советот за национална безбедност со кој претседаваше претседател Александар Вучиќ, јави дописник на МИА од Белград.

Според министерот за одбрана, Небојша Стефановиќ, една од темите на оваа седница било неодамнешното апсење на организирана криминална група предводена од Вељко Беливук (Веља Невоља).

-Ги анализиравме врските на организираниот криминал со одредени претставници на државните органи, кои државата ќе ги санкционира. Овие акции што ги видовте ќе имаат свое продолжение или нови дејства, не само против оваа криминална група, туку и против другите што дејствуваат на територијата на Србија. Државата одлучно ќе покаже дека знае да одолее на секоја форма на криминал и да ги санкционира оние од редовите на државата, кои соработувале со тие криминалци, изјави Стефановиќ.

Организирана криминална група од 17 члена, предводена од Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, обвинета е за киднапирање, убиство и трговија со дрога и со оружје. На членовите на групата одреден им е притворен од 30 дена.

Министерот за одбрана изјави дека на седницата на Советот за национална безбедност се разговарало и за ситуацијата во Косово, која е „комплексна“ и за тоа што прават државните органи за зачувување на безбедноста и стабилноста.

Со седницата на Советот за национална безбедност претседаваше претседателот Александар Вучиќ, а присуствуваа премиерката Ана Брнабиќ, министерот за полиција Александар Вулин, министерката за правда Маја Поповиќ, директорот на БИА- Братислав Гашиќ, началникот на Генералштабот Милан Мојсиловиќ, директорот на полицијата Владимир Ребиќ.