Првото рочиште за предметот на полициска бруталност во Битола кое доби широко медиумско внимание е закажано за утре во 10:00 часот во Основниот кривичен суд Скопје во Судница број 6. Граѓанската иницијатива Аваја бара рочиштето да биде отворено за јавноста согласно начелото за јавност кое е едно од основните начела врз кои се заснова секоја демократска кривична постапка на една правна држава во која на контрола на јавноста треба да е подложена работата на сите органи. Очекуваме дека состојбата со КОВИД19 нема да биде искористенa за исклучување на јавноста од судењето.
Судската постапка започнува по објавената видеоснимка на граѓанската иницијатива – Аваја за полициска бруталност врз припадници на ромската заедница. Оваа видеоснимка се прошири на социјалните мрежи и медиуми и се покажа полициската бруталност од страна на полициските службеници. Аваја заедно со Здружението Млади Правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудија ваквото однесување и понудија бесплатна правна помош на оштетените лица.