Арбен Таравари, потретседател на Алијансата за Албанците и градоначалник на Гостивар при неговото гостување на Телма телевизија, во врска со законот за попис истакна дека Владата функционира како раштиман оркестар.

-Нашата партија го поддржа законот за попис, но не ги прифатија амандманите иако деветте гласови на нашите пратеници беа одлучувачки. Сепак Законот помина иако укажувавме дека не може да се изгласа закон без притоа да има јасна и точна методологија каков ќе биде пописот, истакна Таравари.

Тој вели за жал Владата наназад четири години функционира како раштиман оркестар а последниот пример е случајот со директорот и заменик директорот на Државниот завод за статистика, институција надлежна за спроведување на пописот, а во врска со начинот на попишување на иселениците и давањето на одредени податоци како што се националност и верска припадност.

-Не се остава простор да се има општ консензус за пописот, за идни проекции за развој, туку се политизира целиот процес, вели Таравари.

Таравари смета дека оваа операција треба чесно да се сработи и треба да има веродостојни резултати кои ќе наидат на верување од страна на граѓаните.