Предлог законот на Министерството за образование на Грција за „Упис во високо образование, заштита на академската слобода, надградба на академската средина и други одредби“, откако минатата седмица доби зелено светло од надлежната комисија, од денеска е пред пратениците, на дводневна расправа на пленарна седница во Парламентот, а за утре е закажано гласањето, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно со гласањето на новиот закон за високо образование, студентите претежно левичарски ориентирани здруженија, за утре закажаа нови протест во Атина и Солун за повторно да го изразат нивното незадоволство за промените во високото образование што ги носи надлежното Министерството.

На почетокот од денешната расправа, од СИРИЗА, поради пандемијата побараа да се замрзне процедурата, додека пак од Движење за промена , од Комунистичката партија и од МЕРА25 побараа да се одложи расправата и гласањето, нешто што не беше прифатено од министерката за образование.

Надлежната комисија, минатата седмица го одобри новиот закон, но само со позитивен глас од пратениците на Нова демократија. Против законот беа сите опозициски партии со исклучок на Грчко решение, кои став ќе заземат на пленарната седница.

Новиот закон, според медиумите во Грција, меѓу другото предвидува, воведување на ограничено време за студирање, односно на шест години за оние што се на факултетите со четири години и осум и девет години за високото образование што трае пет, односно шест години, но и промени во бројот на поени за запишување на факултет, како и можноста за формирање универзитетска полиција.

Карантинот и рестриктивните мерки во Грција не ги спречија грчките студенти, масовно, и покрај пандемијата, веќе неколку седмици, секој четврток да одржуваат демонстрации за да го изразат нивното незадоволство од новиот предлог закон на Министерството за образование.

Минатиот четврток во разговор со дописничката на МИА од Атина, го најавија утрешниот протест, велејќи дека нема да се откажат од нивните барања.

-Бараме Владата веднаш да го повлече законот според кој се воведува полиција на факултетите, рече студентот Костас, кој е член на Здружението на студенти од Природно математичкиот факултет во Атина.

-Владата треба да одвои средства за Универзитетите, за книги, за учебници, а не за универзитетска полиција. Не прифаќаме никакви измени што предвидуваат испишување на студенти, ако студираат подолго, коментираше студентката Кирјаки.