Амбасадорот на Јапонија во земјава Хиронори Савада го потпиша третиот договор во 2021 во рамки на јапонската Програма за мали грантови (ГГП) за основни потреби и безбедност на граѓаните во државава.

Како што информираат од Амбасадата на Јапонија на церемонијалното потпишување на договорот за грантот покрај амбасадорот Савада, присуствуваше и директорот на Здравствениот дом – Скопје, Виктор Исјановски.

– Третиот договор за грант е за Проект за подобрување на медицинската опрема за итна помош на ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, во вредност од 40.420 евра, кој има за цел да го зголеми квалитетот на итната медицинска помош за пациентите. Преку Програмата за мали грантови (ГГП), Јапонија финансира проекти за реновирање и обезбедување опрема за повеќе од 70 училишта и градинки и 47 здравствени установи и обезбеди 31 возило за одржување и комунални возила за 49 општини во сите 8 региони во државата, информира Јапонската амбасада.

Во соопштението се додва дека Јапонија ја подржува Северна Македонија во повеќе сектори како што се инфраструктурниот развој, подобрување на здравствената нега, образованието, животната околика, култура, спречувањето на природни катастрофи, бегалската криза, како и итна помош, во вкупен износ од повеќе од 422.3 милиони евра, како и дополнителна нефинансиска поддршка.