Министерството за здравство информира дека пуштена e во употреба веб-страницата „Vakcinacija.mk“ на која граѓаните ќе можат да се пријават за вакцинација против КОВИД-19. Секој заинтересиран граѓанин кој сака да прими вакцина против коронавирусот може да се пријави на веб-страницата.
Иако во текот на минатите денови подолго беше најавувана оваа страна, сепак со нејзиното пуштање во функција, граѓаните технички не беа во можност да пристапат до апликацијата, но овој пат властите се сетиле па наместо ерор појавува е-чекална. Воедно чекањето за влез во апликацијата се брои во минути, па според искуствата на граѓаните гужвата траела од 3 минути па се до 122 минути. На овој начин, преку vakcinacija.mk за прв пат во нашата држава се воведува и онлајн „гужва“
Граѓаните потребно е да ја пополнат апликацијата за искажување заинтересираност за вакцинација против КОВИД-19. Со пополнувањето на формата, се регистрирате директно во националниот систем „Мој Термин“.
Сите апликации кои ќе пристигнат ќе бидат внесени во оваа база, со што ќе се ажурира податокот кој за секој пациент го гледа матичниот лекар. Нема потреба дополнително пациентите да го бараат или информираат својот матичен лекар дека се регистрирале за да примат вакцина.
Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, матичниот лекар ќе ги повика и ќе ги информира за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата.
Вакцинирањето е доброволно и се спроведува согласно стратегијата за вакцинација на Република Македонија.