Со нашата денешна средба поставуваме уште еден дополнителен темел за консолидација на мирот, пријателството и просперитетот во поширокиот регион, од Медитеранот до Заливот, рече министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, на прес конференцијата по првиот форум „Филиа“ (пријателство) што се одржува во Атина со учество на шефовите на дипломатиите на Египет, ОАЕ, Кипар, Бахреин, Саудиска Арабија и домаќинот Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас рече дека форумот претставува рамка во која земјите можат да разменуваат мислења за различни предизвици, а како пример ја спомена пандемијата „што не познава ниту граници ниту континенти“, но и можност за соработка во различни области, како што се економијата, енергетиката, образованието, туризмот, културата, дијалогот меѓу религиите, итн.

Истакна дека било договорено да се формира мрежа на регионална соработка „што го поврзува Машрик со Европа“.

– Амбицијата на Грција е да биде мост меѓу Источниот Медитеран и Заливот и на Балканот и остатокот од Европа, истакна Дендиас.

На почетокот, поздравен говор одржа и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој рече дека е природно Грција да преземе иницијатива на еден ваков облик на мултилатерална соработка, со оглед на нејзината позиција, но и геостратешката позиција на Балканот и Медитеранот, како и членството во НАТО и ЕУ.

– Името на иницијативата се роди од грчкиот збор „филиа“ што значи многу повеќе од едно сојузништво, бидејќи исто така изразува заеднички вредности, врски и чувства кои минуваат низ културата и историјата, рече Мицотакис.

Тој додаде дека Грција има намера да биде домаќин и на Самит на лидерите на земјите учеснички на форумот, но кога тоа ќе го дозволат околностите и кога ќе бидат укинати рестрикциите поради пандемијата.