Се сретнавме да размениме мислења за прашањата од заеднички интерес, со цел понатамошно зајакнување на нашата соработка и активно придонесување кон консолидација на мирот, стабилноста и безбедноста во поширокиот регион, пишуваат министрите за надворешни работи на Египет, Обединетите Арапски Емирати, Кипар, Бахреин, Саудиска Арабија, Франција и домаќинот Грција, во заедничката изјава по завршувањето на првиот форум „Филиа“ (пријателство), јави дописничката на МИА од Атина.

Форумот се одржа вчера во Атина, а шефовите на дипломатиите на земјите учеснички ја повторија нивната заедничка посветеност на меѓународното право, како и на Конвенцијата на Обединетите нации за морското право и ја истакнуваат силната посветеност на основните принципи што произлегуваат за „почитувањето на суверенитетот, суверените права, независноста и територијалниот интегритет на државите, мирното решавање на разликите и отфрлањето на заканата или употребата на сила, како и немешањето во внатрешните работи на други земји“.

– Во овој критичен момент, во сенка на глобалната пандемија, потребата да покажеме солидарност и да ги координираме нашите напори со цел да ги минимизираме последиците од оваа здравствена криза врз нашите економии, е уште поитна. Во овој контекст, ја изразивме нашата подготвеност да промовираме размени насочени кон резултати, како и заеднички активности и иницијативи во области како што се енергетиката, иновациите, дигиталната економија, цивилната заштита и контактите меѓу луѓето, пишуваат министрите во заедничката изјава и додаваат дека биле разгледани и можностите за понатамошна соработка во областа на науката, земјоделството, безбедноста на храна, академското образование и обука, меѓуверскиот дијалог, културата и спортот.

За време на форумот биле разменети мислења и за регионалните прашање, меѓу кои и мировниот процес на Блискиот Исток, кипарското прашање, Сирија, Либија, Јемен и Источниот Медитеран.

– Се согласивме на овој формат на дијалог и соработка, наречен „Форум филиа- градење пријателство, мир и просперитет од Медитеранот до Заливот“, да биде ефикасен, но и флексибилен и отворен за другите земји од регионот и пошироко, кои што ги делат гореспоменатите вредности и принципи, пишува на крајот од заедничката изјава.