Енергетскиот експерт Христо Казанџиев, претставник на политичката партија „Републиканци за Бугарија“, во видеоинтервју за СТУДИО БАНКАР на економскиот неделник „Банкар“, коментира дека „не постои сомнеж оти бугарскиот премиер Бојко Борисов од 2009 година им служел на руските геополитички интереси, јави дописникот на МИА од Софија.
– Целиот развој на енергетиката ни го покажува токму тоа. Сите проекти кои доведоа до вистинска диверзификација беа попречени на еден или друг начин. Не беше создаден потенцијал за нови објекти за складирање на гас на територијата на Бугарија. Гасификацијата во Бугарија воопшто не се разви во последните 10 години, голем број региони немаат пристап до природен гас. На сметка на развојот на транзитниот систем за пренос на гас. Придобивките за Бугарија се занемарливи, со оглед на придобивките за Русија, коментира Казанџиев.
Во врска со изградбата на гасоводот „Балкански поток“, Казанџиев смета дека единственото нешто што е направено е да се смени влезната точка за рускиот гас во Бугарија и да се дозволи само Србија да прима руски природен гас.
– Парадоксално е, но овој гасовод поминува низ северозападна Бугарија, покрај неколку градови на Дунав и никој не стори ништо за да ги гасифицира, иако за ова прашање се дискутираше 20 години, рече тој.
Христо Казанџиев изјави дека, за жал, целата транзитна мрежа е скоро 90 проценти ангажирана, а капацитетот на Балкански поток е резервиран скоро 100 проценти за руската компанија Гаспром.
Сепак, според аналитичарот, има слободни 10 до 15 отсто од капацитетот на овој гасовод, што може да го користат трети земји според третиот европски енергетски пакет. Останатиот дел е ангажиран за Србија, Унгарија и складирањето на бензинот во Австрија – „Баумгартен. Но останува да се види дали тоа ќе се реализира, бидејќи Унгарија е во процес на диверзификација на рускиот гас и се ориентира на прием на гас од терминалот на хрватскиот остров Крк, кој преку гасната врска со Словенија пристигнува до Унгарија.