Европската унија очекува од новата власт во Косово да се ангажира конструктивно во продолжувањето на дијалогот со Србија и да ја искористи можноста за постигнување сеопфатен договор, порачаа шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј.

Во заедничкото соопштение по вчерашните избори во Косово, Борел и Вархеј наведуваат дека ЕУ ќе продолжи да дава поддршка за европскиот пат на Косово, но потсетуваат на обврските кои им претстојат на идните власти во Приштина.

– Од Косово се бара напредок во реформите, преку Договорот за стабилизација и асоцијација и Европската реформска агенда, како и регионалната соработка. Европскиот пат на Косово води преку сеопфатна нормализација на односите со Србија, а ЕУ очекува од новата власт конструктивно ангажирање за продолжување на дијалогот, чиј посредник е ЕУ, наведуваат двајцата дипломати.

Во соопштението се додава дека ЕУ ќе продолжи да ги следи постизборните процеси во Косово, каде се очекува формирање на Парламент, влада и избор на нов претседател.