Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа и целото потесно раководство на партијата поднесоа денеска оставка, поради тешкиот пораз на ЛДК на вчерашните вонредни парламентарни избори во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

По денешната седница на партиското претседателство, Мустафа изјави дека повикал да се собере Главниот одбр на ЛДК за да избере нов претседател, што, како што рече, подразбира дека поднел оставка.

– Имавме седница на претседателството, која ја свикав јас по изборниот резултат. Овој резултат е многу лош за ЛДК и воопшто не го очекувавме, имајќи ги предвид средбите на терен и работата на (носителот на листата, Авдулах) Хоти. Го известив претседателството дека ќе го чекам Главниот одбор за избор на нов претседател во што поскоро време. Имаме рок од 60 дена, но ќе го направиме тоа што е можно побрзо, им изјави Мустафа на новинарите пред седиштето на ЛДК.

Потпретседателот на партијата, Љутфи Хазири одби да одговори на новинарско прашање дали тој ќе биде идниот челник на ЛДК и информира дека целото Претседателство е во оставка.

– Не се работи за имиња, ви кажа претседателот. Ние сме претседателство во оставка, изјави Хазири.

На вчерашните избори ЛДК освои 13 отсто од гласовите, што е двојно помалку отколку на претходните избори во октомври 2019 година.

Апсолутен победник на овие избори е досега опозициското движење Самоопределување (ВВ) на Албин Курти, со 47,88 отсто од гласовите, додека втора е Демокртската партија на Косово (ПДК), предводена од Енвер Хоџај, со 17,36. Овие резултати се прелиминарни, затоа што се уште не се преброени гласовите на дијаспората, која традиционално гласа за ВВ, така што може да се очекува негова уште поубедлива победа.

Места во идниот парламент обезбедија и Алијанста за иднината на Косово на Рамуш Харадинај со 7,40 отсто гласови, како и Српската листа и партиите на помалите етнички заедници. Според косовскиот Устав, на претставниците на српската и на помалите заедници им се гарантираат 20 пратенички места во 120-членото Собрание, од кои 10 на Србите и 10 на останатите. Надвор од Парламентот овој пат остана Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на Фатмир Лимај, која со освоени околу три отсто од гласовите не го надмина изборниот праг од пет отсто.