Со чартер-лет од грчкиот остров Лезбос, 116 бегалци меѓу кои 30 семејства со деца, заминаа за Хановер, во рамките на договорот меѓу Грција и Германија за релокација на бегалци по катастрофалниот пожар во кампот Мориа, а се спроведува од Министерството за миграција и азил на Грција во соработка со Меѓународната организација за миграција и со финансиска поддршка од Европската комисија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчкиот остров за германскиот град заминаа бегалци од Авганистан, Иран и Ирак, а ова е првиот директен лет од Лезбос до земја членка на ЕУ.

Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис кој ги испрати бегалците од аеродромот на Лезбос, рече дека конкретната релокација е по иницијатива на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и германската канцеларка Ангела Меркел, Германија да преземе вкупно 1.553 признаени бегалци.

-Справувањето со миграциската криза се однесува на целата Европска унија. Нашата земја, а особено петте острови во Егејското море, не можат сами да го кренат непропорционалниот товар. Празнењето на островите беше приоритет за Владата и ќе се финализира во следните месеци, рече Митаракис и додаде дека ова е прв пат Европа да прими признати бегалци од Грција, нешто што е „голем успех, покажувајќи дека европската солидарност може да биде и во пракса“.