Во вторникот, кога Атина беше под снежна покривка, но со снег не повеќе од 25 сантиметри, грчката полиција, на бројот за итни случаи примила рекордни 26.000 повици, три до четири пати повеќе од обично, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот весник „Катимерини“ повикувајќи се на извори од полицијата објави дека од пет часот наутро до 21 часот, во примените 26.000 повици, граѓаните или барале помош поради проблеми со движењето или барале информации кога ќе се санираат дефектите во снабдувањето со електрична енергија.
Под нормални услови, според истите информации, дневно, на бројот за итни случаи има околу 6.000 до 7.000 повици, а досега, рекордот бил на 23 март 2020 година, на првиот ден од првиот карантин, кога биле регистрирани 25.780 повици.
Според грчката метеоролошка служба, снежната бура што од понеделникот вечерта ја зафати областа Атика, поширокиот регион на Атика, била најсилна во изминатите 40 години, а снегот паѓал 36 часа во Атика и 24 часа во Атина и достигнал висина од 20 до 25 сантиметри.