Членови на семејството на Сашо Мијалков, како и неговото обезбедување се повикуваат на информативен разговор, велат за МИА од Министерството за внатрешни работи.

Според информациите во медиумите во полициска станица на разговор се повикани неговиот син Јордан Мијалков, неговиот брат Влатко Мијалков и неговата сопруга Александра Мијалкова.

Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, од вчера попладне е недостапен, и полицијата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството го донел Кривичниот суд.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека е распиша национална, а побара согласност и за меѓународна потерница за Мијалков.

-Судот му одреди мерка куќен притвор на Сашо Мијалков. Преземаме мерки и активности за негово пронаоѓање. Распишана е национална потерница. Бидејќи од досега преземените мерки и активности лицето не е пронајдено, ќе го известиме судот и ќе побараме да биде издадена наредба за распишување на меѓународна потерница, информираа од МВР.