Судот ги прогласи за виновни и им одреди доживотни казни затвор на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година.
За обвинетиот Сами Лута, се одбива обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.
Случајот „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, заедно со судијата Осман Шабани и тројца поротници, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Во името на граѓаните на РСМ по советување и гласање Основниот кривичен суд Скопје, како провстепен Кривичен суд ја донесе следната пресуда:
– Обвинетите Халил Демири и Африм Исмаиловиќ се прогласуваат за виновни дека го сториле кривично дело „тероризам“ од член 394б став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, ги осудува на казна доживотен затвор. Обвинетиот Агим Исмаиловиќ се прогласува за виновен дека го сторил кривично дело „тероризам“ од член 394б став 1 во врска со член 22 од КЗ и го осудува на казна доживотен затвор. Обвинетиот Хаки Азири се прогласува за виновен за две кривични дела „помагање на сторител во извршено кривично дело“ по член 365 став 2 во врска став 1 од Кривичниот законик, па за секое кривично дело судот го осудува од по пет години затвор и го осудува на единствена казна затвор од девет години. Обвинетиот Фејзи Азири се огласува виновен за две кривични дела „помагање на сторител во извршено кривично дело“ по член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, и за секое кривично дело го осудува на еднствена казна затвор од 15 години, изјави судијата Осман Шабани.
Обвинетите Халил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство на Косово и им се судеше во отсуство.
Обвинителката Фатиме Фетаи од Судот побара да им одреди мерка притвор на неправосилно осудените Хаки и Фејзи Азири поради опасност од бегство.
– Заедничко за сите обвинети е околноста што постои опасност од нивно бегство, а првообвинетиот Алил Демири и второобвинетиот Африм Исмаиловиќ веќе девет години и се во бегство, за обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ нема ниту потреба, за нив постои решение за определување на мерка притвор, рече Фетаи по соопштувањето на пресудата од страна на Судот.
По советување Судот, донесе одлука предлогот на ЈО да се уважи и на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири и Фејзи Азири им се определува мерка притвор до отпочнување на издржување на казната затвор, односно до правосилност на пресудата.