Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најкатегорично ги отфрли шпекулации за какви било договори за бегството на Сашо Мијалков.

– МВР ги презеде сите расположиви мерки за обезбедувањето на лицето и активно работи на пронаоѓање на бегалецот и негово приведување пред правдата, информираше денеска на прес-конференција министерот Спасовски.

Во тек се информативни разговори со лица кои е можно да поседуваат информации или се поврзани со бегството на Сашо Мијалков.

– Во текот на вчерашниот ден извршени се информативни разговори со 10 лица, меѓу кои се членови на семејството и обезбедувањето, а денеска дополнително се повикуваат други лица. Одземени се телефони, документација и други предмети кои можат да послужат во врска со случајот. Обезбедени се снимачи од згради и објекти, а проверувани се и камерите од „Безбеден град“ со цел добивање на дополнителни информации, појасни министерот.

Одговарајќи на новинарски прашања, Оливер Спасовски истакна дека не чуствува одговорност за бегството на Мијалков бидејќи како што вели МВР постапило според сите законски процедури а вината индиректно ја префрли на Вилма Русковска и Јавното обвинителство.