Националната конвенција за Европската Унија во Република Македонија (НКЕУ-МК) денеска ќе одржи онлајн втора сесија на Работната група 5 – Животна средина (Поглавје 27) на тема „Аерозагадувањето од аспект на загревањето на домаќинствата и јавните установи“.
Целта на оваа сесија, според Европското движење во Република Македонија, е да се дискутираат прашањата поврзани со актуелните состојби во поглед на загревањата на домаќинствата во земјава и предлагање препораки во насока на подобрување на системите за загревање на домаќинствата.
ЕДРМ посочува на анализите на светско ниво кои покажуваат дека загревањето на домаќинствата сѐ уште претставува голем извор на загадување на воздухот. На ниво на Европската Унија, речиси 80 отсто од енергијата што се користи во домаќинствата е за греење и за топла вода.
– Станува збор за проблем што се наоѓа високо во агендите на државните развојни политики, а веќе постојат значајни искуства во спроведување мерки за поефикасен систем на загревање блиску до посакуваните вредности: „за доброто на воздухот, за доброто на климата, но и за доброто на нашите паричници“. Иако загадувањето на воздухот бара голема ургентност во преземање мерки за да се исполнат законските вредности за чист воздух (живиот свет мора да дише) искуствата покажуваат дека ургентните (брзите) решенија не ги даваат очекуваните резултати, информираат од ЕДРМ.