Косовската полиција денеска изведе акција во Агенцијата за развој на земјоделството при Министерството за земјоделство, шумарство и рурален развој на Косово, при што уапси четворица вработени, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според првичните информации од полициски извори, акцијата е изведена по налог на обвинител, поради сомневања за земање поткуп при доделувањето субвенции за земјоделците.

Уапсените се на разни раководни позиции во Агенцијата, а меѓу нив е и директорот Агим Нуха.

Освен во седиштето на Агенцијата во Приштина, акција се спроведува и во канцелариите во градовите Исток и Липљан, каде што, според медиумите, се очекуваат натамошни апсења.