Јавниот долг на Албанија на крајот на 2020 година достигна рекордно ниво од 77,8 отсто од Бруто домашниот производ (БДП) што е највисока стапка забележана досега за албанските финансии, како одраз на тешките последици од кризата.
Според Министерството за финансии, вкупниот долг достигнал 1,22 трилиони леки од 1,11 трилиони во 2019 година, што претставува раст од 111 милијарди леки.
Причините за зголемувањето на јавниот долг во земјата главно се поврзани со влијанието на пандемијата со Ковид-19, која и натаму врши голем притисок врз јавните финансии.
На ваква загрижувачка стапка на јавниот долг предупредија странски финансиски институции, како што е Меѓународниот монетарен фонд, чии очекувања во последниот извештај зборуваа за сценарио каде нивото на долг може да достигне 82,2 отсто од БДП.
Јавниот долг на Албанија од 2010 година, кога изнесувал 57,5 отсто од БДП до 2015 нараснал на 72,6 отсто од БДП, по што се забележува пад и во 2019 година изнесувал 66,2 отсто од БДП.
Намалувањето на приходите и зголемувањето на трошоците за справување со пандемиската криза ги намалиле приходите во албанскиот државен буџет за 34,7 милијарди леки, односно повеќе од 282 милиони евра.
Растотот на буџетските расходи, за покривање на потребите во здравствениот систем, дополнително го продлабочиле буџетскиот дефицит, што лани достигнал историски рекорд од 889 милиони евра.