Подобро функционирање на воведената пракса на јавно објавување на емисиите на цврсти честички кои се испуштаат од производствените оџаци, со нивна презентација во живо, на часовно или дневно ниво, како и плановите на компанијата Макстил за употреба на отпадот од производните процеси, за троската и начините на кои таа може да се третира како секундарна суровина, се дел од темите за кои денеска разговарале министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини со претставниците на еден од најголемите индустриски капацитети во државата Макстил.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање соопштија дека Нуредини бил информиран за инвестициите во напредните технологии со кои се намалуваат емисиите на прашина во воздухот, односно се врши максимално намалување на влијанието на производниот процес врз амбиенталниот воздух.
-Макстил по исполнувањето на обврските согласно оперативниот план, ја доби својата А-интегрирана дозвола во август минатата година, и ние сме денеска тука за да ги видиме дополнителните инвестиции остварени од страна на компанијата по добивањето на дозволата, се наведува во соопштеноието на Министерството.
Министерот укажал дека дополнително ќе биде регулирано и со транспонирањето на директивите за квалитет на воздухот и индустриски емисии, на кои веќе се работи во Министерството, а размената на податоци и мониторингот е дел и од Законот за индустриски емисии кој треба да биде завршен во јуни годинава.
Пред министерот бил презентиран и веќе започнатиот процес на калкулации на емисиите на стакленичките гасови од нивните процеси, како и методологиите за мониторинг и верификација на кои од Мкастил работат за следење на нивниот јаглероден отпечаток, што пак е дел од регулативата која Министерството ја развива во рамките на подготовката на Стратегијата и законот за климатска акција.
Нуредини, нагласил дека Макстил е пример како компаниите преку инвестиции во модернизирање на комплетниот производен процес, можат да го подобрат работењето,а ги охрабрил и другите индустриски капацитети, со време да вложуваат во рамките на своите планови за подобрување и корпоративна општествена одговорност бидејќи, според него, со паметни инвестиции заштитата на животната средина и успешното работење се возможни.