Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент го усвои извештајот за Србија од известувачот Владимир Билчик, јави дописникот на МИА од Белград.
Во усвоените амандмани на европските парламентарци засилени се формулациите и критиките во областа на борбата против корупцијата, функционирањето на Народното собрание и состојбата на медиумите, додека позитивните оценки се однесуваат на економските индикатори, учеството во регионалната соработка и дијалогот со Приштина.
Од властите во Србија се бара да работат „со зборови и дела“ на исполнување на обврските на патот кон членството во ЕУ. Пратениците побараа од ЕУ да воведе поголема динамика во пристапните преговори со Србија, брзо да ја примени новата методологија на проширување во преговорите и јасно да презентира конкретни стимулации од интерес за граѓаните на Србија.
Еден од усвоените амандмани ја повикува Србија да постигне „убедливи резултати во судството, слободата на изразување, борбата против корупцијата, особено кога станува збор за случаи за кои постои високо ниво на јавен интерес, вклучувајќи ги и случаите Крушик, Јовањица и Телеком Србија“.
Усогласениот текст ги поздравува промените во работата на парламентот „во согласност со процедурите“, но нагласува дека агресивниот речник, заплашувањето и обвинувањата против политичките противници и претставниците на медиумите на седниците на Народното собрание се кршење на демократската практика што треба да се „санкционира во согласност со правилата”.
-Вистинската посветеност на фундаменталните права и нормализирање на односите со Косово ќе го одреди патот на разговорите за пристапните разговори на Србија и ЕУ, порачаа европратениците во извештајот усвоен во вторникот.
Тие исто така ја повикаа опозицијата да се врати на преговарачката маса и се осврнаа на реториката против ЕУ која е присутна во Србија.
Извештајот ја нагласува загриженоста за „најслабиот резултат“ на Србија во усогласувањето со надворешната политика на ЕУ. Европратениците истакнаа дека Србија „мора да се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, во споредба со другите земји во регионот“ и изразија загриженоста за „се поголемото влијание на Кина “.
По гласањето во Одборот за надворешна политика, се очекува извештајот за Србија, во форма на резолуција, да биде усвоен на пленарна седница на Европскиот парламент на 24 и 25 март во Брисел.