Државниот завод за ревизија го објави конечниот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи со ревизија на усогласеност за 2019 година на Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје.
Во клучните препораки упатени до АДССДП стои дека е потребно ажурирање на единствената евиденција, податоците за објектите во изградбата и за недвижностите за продажба во базата на податоци, да се целосни и навремени, како и да се врши целосен попис согласно прописите.
Со ревизијата се утврдувало дали финансиските извештаи се ослободени од материјално погрешни прикажувања, а активностите, финансиските трансакции и информациите во нив се во согласност за законската регулатива.
Во клучните утврдени состојби ДЗР наведува дека промените во единствената евиденција на станбениот и деловниот простор не се навремени, хронолошки и целосни, за објектите чија изградба е во тек и за залихата на недвижности наменети за продажба не се доставени целосни податоци, како и дека пописот на средствата, побарувањата и обврските не е некомплетно и целосно извршен согласно законските акти.
69 проценти од вкупниот број на недвижности со кои управува државното станбено претпријатие не се знае дали се дивоградби, бидејќи нема податок дали се дел од Деталните урбанистички планови.
– Не изразивме мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2019 година, а за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики изразуваме мислење со резерва, соопшти ДЗР.