Министерот за економија Крешник Бектеши и швајцарската амбасадорка во земјава Сибил Зутер Техада денеска ќе се обратат на Петтата македонска туристичка берза, организирана од страна на Националната асоцијација за дојдовен туризам во Македонија (НАИТМ).

Асоцијацијата ја организара Петтата македонска туристичка берза со поддршка на Швајцарската амбасада преку програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и преку Швајцарската програма за поддршка на извозот (СИППО), на Регионалниот проект на УСАИД за економски развој, управување и за развој на претпријатија, на Проектот за локална и за регионална конкурентност (ЛРЦП) и на Министерството за економија.

На настанот, кој е главно место за остварување средби на професионалците од индустријата, со цел идентификување на деловните можности токму преку директна соработка и продажба, оваа година фокусот ќе биде насочен кон решавање на тековните предизвици на туризмот и на предизвиците кои следуваат по глобалната здравствена и економска криза, низ призмата на новата дигитална економија, информира НАИТМ.

Според Асоциајцијата, главната цел е да се соочат реалните очекувања, новите трендови и моменталната состојба на индустријата преку формите на едукација, презентации и на Б2Б-средби.