Во рамките на чешкото претседателство со Конференцијата на европските уставни судови, вчера и денеска се одржува XVIII-от Конгрес на тема: „Човекови права и фундаментални слободи: Односот помеѓу меѓународните, наднационалните и националните каталози во 21 век“, на кој учествува и претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, Сали Мурати.

Како што е наведено во соопштението од Уставниот суд, во работата на Конгресот, кој годинава поради пандемијата од КОВИД-19, се одржува по пат на видео-конференција, учествуваат 35 уставни/врховни судови кои се полноправни членки на Европската Конференцијата на уставни судови.

Конгресот, како што се наведува во соопштението, започна со состанокот на кругот на претседателите, што се одржа вчера, а на кој учествуваше претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, Сали Мурати, при што беа разгледани и се гласаше за повеќе прашања од организациски карактер кои се однесуваат на Конференцијата.

Претседателот Мурати, судијата Дарко Костадиновски, секретарот на Судот, Александар Лазов и советникот Симона Герасимова-Јовановска, денеска ќе учествуваат во работата на овој конгрес, на кој ќе се дискутира за повеќе теми кои се однесуваат на уставното судство и заштитата на слободите и правата.