Изет Меџити и најмалку уште еден пратеник од редовите на ДУИ го „нишаат“ парламентарното мнозинство и со нивното неприсуство на седниците, власта не може да обезбеди кворум ниту пак да изгласа било каков закон.
Џафери на средба со новинарите најави разврска на ваквите случувања во Собранието, особено за намерно недоаѓање на седниците од страна на пратениците од владејачкото мнозинство односно поконкретно од пратеничката група на ДУИ.
-Сите пратеници имаат обврска да дојдат на работа, а калкулациите се друга работа. Мислам ќе има разврска, рече Џафери, потврдувајќи на прашање дека тоа се однесува и за проблемот во пратеничката група на ДУИ, но и воопшто.
Претседателот на Собранието потенцира дека навреме ги информира пратениците за доставените закони и за одржувањето на седниците, а се друго е лична одговорност.
– И Деловникот и Уставот е таков, пратеникот не може да се повикува на одговорност за начинот на работа и општење по однос на функцијата. Пратеникот може самиот да се изјасни како ќе настапува понатаму. Е сега никој не кажува дека од ДУИ некој излегува како самостоен или независен. Тоа право го има секој од пратениците. Тоа не може никој да го казнува. А од друга страна да делувам како пратеник од таа пратеничка група, а да не доаѓам, е тоа веќе е лична одговорност, рече Џафери.
Претседателот на Собранието потврди дека ги добил известувањата од пратениците од ЛДП, Моника Зајкова и Боби Мојскоски, и од Павле Трајанов од ДС дека ќе делуваат независно од пратеничката група која ја предводи СДСМ, но рече дека нема најави или пак формално известување дека ќе се формира нова пратеничка група.