Откако вработените во ГОБ 8 септември се кренаа незадоволни од условите под кои работат во Ковид центарот (бидејќи добар дел од нив не го добија ветениот бонус, а има и такви кои без никаков регулиран однос работат ризикувајќи го животот) - се јавија и здравствени работници од Биохемиската лабораторија при Здравствениот дом од Прилеп. Имено, четворица лекари-специјализанти и една медицинска сестра од Итната помош, како и 14 лаборанти од Биохемиската лабораторија при Здравствениот дом од Прилеп, а кои во континуитет се директно инволвирани во испитувањето, дијагностиката и терапијата на ковид-пациентите веќе два месеци чекале на исплатата на ветениот бонус од 30.000 денари. Според нив виновна е директорката Оливера Аџиоска, која според нив, задоцнила со испраќањето на списоците, па под нивни притисок, морала да праќа нов, корегиран список.

-Ние сме 14 луѓе кои секојдневно сме во контакт со позитивни Ковид-пациенти. Секој ден правиме по 40 тестови и најчесто 90 проценти од нив се позитивни. Половината од нас веќе бевме и заразени со вирусот. А сега, директорката не стави во некој корегиран список, но дури откако нашата главна сестра и’ изврши притисок и откако испративме и ургентно писмо до министерот Филипче. Нашево барање е реално. Ние не сме престанати овде, а веќе два месеци од никаде никаков конкретен одговор се уште немаме добиено, велат извори за Алфа во Биохемиската лабораторија.

Директораката на Здравствениот дом пак, Оливера Аџиоска, која одби да даде изјава во камера, во телефонскиот разговор се оправда дека се било во склад со уптатствата добиени од Министерството за здравство, според кои во првиот допис биле опфатени само лекарските тимови од Службата за итна помош и како што рече, тоа важело за сите здравствени домови во земјава. Аџиоска немаше конкретна информација кога оваа група здрваствени работници ќе го добијат ветениот бонус.