Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа попладнево имаше работна средба со својот турски колега, Бекир Пакдемирли.

По средбата, Хоџа изјави дека земјава добива континуирана поддршка од Турција во сите сектори, а соработката продолжува уште поинтензивно.

Како што напомена министерот Хоџа, веќе се реализирани неколку средби за пласман на наши производи во Турција.

-Сигурен сум дека во наредниот период поддршката ќе се продлабочува, но и соработката. Тоа сакам да го потврдам и со меморандумите за разбирање меѓу двете влади во областа на водите, шумарството и безбедноста на храната и ветерината, кои беа потпишани во јануари годинава, истакна Хоџа.

Тој потсети и дека МЗШВ добива техничка поддршка од турскиот земјоделски осигурителен фонд со цел воспоставување ист таков фонд и кај нас.