Системот за попишување на дијаспората и на македонските граѓани кои живеат надвор од границите се чини дека ги нема основните заштити и безбедности на интернет протоколите и е едноставен за манипулација.
Имено, на социјалната мрежа ФБ во групата Сојузен Комитет на Програмери на Република Македонија, една членка сподели информација дека користејќи VPN (Virtual private network) адреса (бесплатна) која ја релоцира во странска држава, во случајов Република Србија, се попишала на апликацијата која ја објави Државниот завод за статистика.
- Здраво. Мислам дека наидов на грешка во апликацијата за само попишување наменета за граѓани од дијаспората. Пишувам за да ме исправите ако грешам или да пријавите ако е тоа потребно. Јас која живеам во Македонија, успеав да се само попишам користејќи VPN. Интернет страната не дозволува да се регистрирате доколку имате македонска IP адреса, но штом инсталирав VPN (бесплатен) веќе немаше ограничувања. Само попишувањето не е само за дијаспората туку и за секој граѓанин кој во овој период нема да е во Македонија, И така јас одбрав да сум кај нашиот северен сосед, го оставив мојот македонски телефон и без никаков проблем бев регистрирана и го пополнив прашалникот. Не се бараат никакви податоци за адреса од земјата каде што престојувам, а за причини за престој имаше повеќе опции од кои последната беше „друго“, стои во коментарот на една членка на затворената ФБ група Сојузен Комитет на Програмери на Република Македонија.