Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42″ во последната нивна анализа посветена на загрозениот статус на Охридскиот регион во УНЕСКО и колку државата постапува согласно препораките од светската организација укажува на веќе востановената практика, легислативата да не се спроведува, одговорноста да се минимизира, доброто да се девастира.
Од „Фронт 21/42″ посочуваат дека формално има подготвеност за справување со проблемите, постои легислатива согласно препораките, но проблемот е што истата не се спроведува.
– Управувањето со светското наследство во Охридскиот Регион е еден многу необичен лавиринт. И покрај свеста за одговорноста кон целиот свет и сите идни генерации, сите заложби за негово зачувување и исполнување на препораките на УНЕСКО, од страна на сите, многу посветени претставници на власта; и покрај сите нивни планови, одлуки, заклучоци, итн. – уништувањето продолжува, додека сите посветени претставници на сите релевантни институции постапуваат во согласност со законите и своите ингеренции, стои во анализата.
Според „Фронт 21/42″, не постои инвентар на двоградби, а согласно тоа не можат да се спроведуваат ниту Студиите за оценка на влијанието врз животната средина односно врз културното наследство, отуство национална методологија за спроведување на таа оценка.
– Инвентар за сега постои само како збор во Извештаите кои нашата Влада ги праќа до Центарот за светско наследство. Според Извештајот од минатата година, Министерството за транспорт и врски изработило Инвентар на дивоградби во соработка со општините и НП Галичица. Кога го побаравме – добивме одговор дека Министерството не ја поседува бараната информација. Според овогодишниот, неодамна објавен, Извештај – Министерството за транспорт и врски направило чекор понатаму, по претходно изготвениот(?!) Инвентар и сега „формира Работна група за изработка на акциски план за постапување по инвентарот за бесправно изградени објекти во Охридскиот регион. Работната група ја започна својата работа и се работи на ажурирање на инвентарот на бесправни градби, нивно мапирање по што ќе следи постапката на уривање, се наведува во анализата.
Според информациите обезбедени од државата, инвентар нема, а работната група што треба да постапува односно да ги урива дивоградбите се уште не е формирана…
За да бидат работите уште позамрсени, во Извештајот што државата го испратила до УНЕСКО стои дека „работната група ќе го ажурира Инвентарот и веднаш ќе започне со рушење. Рушење на објекти без оцените на влијание кои се бараат во Препораката значи прескокнување на законската обврска за објава на Инвентарот и оневозможување на законското право на јавноста да учествува во донесување на одлуките”.
Според „Фронт 21/42″, актуелната легислативаи поставеност на работите само покажува дека новиот Закон за легализација на бесправно изградени објекти (со кој се спроведува Препораката бр. 9 за справување со дивоградбите во светското наследство) нема да претставува пречка за легализација на дивоградбите во Охридскиот Регион – ниту еден објект нема да има негативна оцена на влијанието, а општинските одлуки за стопирање на легализацијата на дивоградби веќе не важат.
– Пред да се разгледува во Баку впишувањето на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност, според Извештаите кои ги доставуваше државата, имавме законски пречки да воспоставиме Мораториум (слично како што сега имаме за оцена на влијанието врз животната средина), кои се надминаа веднаш после Баку и во август 2019 општините усвоија Одлуки за мораториум. Овие одлуки, како и усвоениот План за управување со Охридскиот Регион, очигледно не претставуваа(т) никаква пречка за новиот хотел кај ресторанот Парк (во непосредна близина на Студенчишко Блато), новиот хотел кај Биљанини извори, дополнителната урбанизација на Елшани, Трпејца, Коњско, итн. Урбаната и крајбрежната трансформација си продолжува, ама за разлика од претходно сега имаме План за управување со регионот, се си е во согласност со законите и успешно се спроведуваат препораките, се посочува во анализата.
Во анализата уште се прозива актуелната министерка за култура која е воедно претседател на Националната комисија за УНЕСКО, наместо декларативно да ги осудува активностите за уривање на ресторанот „Парк”, под изговор дека до институциите немало никаков допис по односното прашање, на законската обврска на Комисијата за управување со Охридскиот регион да ја следи состојбата, да предлага мерки за подобрување на состојбата, да предлага донесување на прописи и преземање на мерки за управување со светското природно и културно наследство.
– Начинот на управувањето е регулирано во чл. 9 и вклучува „спречување на активности кои негативно влијаат врз исклучителните вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион”. Со други зборови, нема потреба да се чека некој да побара мислење или испрати допис до наведените институции – нивните претставници во Комисијата имаат законска обврска да бидат информирани и соодветно да реагираат со предлог пропис или мерки, стои во анализата.
Оттаму наместо декларативна осуда, а имајќи предвид дека спроведувањето на одлуките на Комитетот за светско наследство (а со тоа и на Препораките на Реактивната Мисија од 2017) е исто така законска обврска која ја наметнува овој Закон (член 4 ст.1) – нема никаква пречка „најострата осуда на непочитувањето на препораките на реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО и на прекршувањето на Законот за управување со светското и природното културно наследство на Охридскиот регион, како и на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион”, да не биде манифестирана во предлог пропис/мерка која ќе ја оневозможи изградбата на односниот објект.
– Дури и да има член во друг закон кој не дозволува ваква интервенција, Уставот е на Ваша страна и обезбедува дека Конвенцијата е над националните закони, се посочува во анализата и се бара од сите претставници на релевантни и засегнати институции да го искористат моментот кога во тек е изработка на План за управување со НП „Галичица”, да се утврдат конкретни чекори кон исполнување на препораката за справување со дивоградбите.
– Испратете Ваш допис до тимот кој го изработува Планот, со став дека треба да се вклучи Анекс со инвентар на дивоградби на територијата на Паркот. Општината веќе има табела со сите поднесени барања за легализација од 2011 до денес, многу е лесно да се извадат оние кои се во рамки на Националниот Парк. Анексот не бара ни време, ни пари, ни човечки ресурси, а ќе биде значаен чекор, бидејќи препораката става посебен фокус на дивоградбите во НП „Галичица, стои како предлог.
Истовремено се работи и на оцена на влијанието врз животната средина на која, според „Фронт 21/42″, доколку се додаде Анексот со дивоградбите, без никаков проблем ќе се спроведе оцена на нивното влијание врз животната средина, во процес кој секако се одвива, во согласност со сите релевантни закони и подзаконски акти.
– Делокругот на Вашите ингеренции на ниеден начин не спречува/оневозможува да испратите ваков допис и став. Во врска со хотелот кај Студенчишко Блато (како и тој кај Билјанини извори и други) – не ви се воопшто врзани рацете поради дозволите кои ги дала претходната власт. Дел од Вас учествуваат во Комисијата за управување со Охридскиот Регион, а и за тие кои не се дел од ова тело, Законот за управување со Охридскиот Регион (чл. 11) и наметнува обврска на Комисијата да ги разгледа сите барања за мерки за подобрување на состојбата, добиени од органите на државната или локалната власт, како и обврска да ги вклучи во управувањето документите на органите на Конвенцијата (значи Одлуките, односно Препораките). Се што треба е загриженоста и определеноста за зачувување на статусот на УНЕСКО да ги преточите во барање за мерки до Комисијата, се наведува во анализата на „Фронт 21/42″.