Министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Наумоски денеска извршија увид во градежни работи за доградба на основното училиште „Димитар Поп Георгиев – Беровски“, во населбата Хром.

– Навистина е значајно, што општините, заедно со Владата и министерствата, не само што се грижат за подобри програми, за поквалитетно образование, туку се инвестира и во инфраструктурата. За да имате квалитетно образование, треба да имате квалитетен кадар, за кој ние се грижиме, и се обидуваме да инвестираме во континуитет за негова обука. Новата концепција значи и нов стандард и нов квалитет во образованието, но, исто така, инфраструктурата во која се одвива наставата треба да биде подобра, истакна министерката Царовска.

Таа рече дека лани Министерството за образованите и наука за прв пат објавило повик за капитални инвестиции и на тој начин ги мотивирало општините да аплицираат за проекти.

– Министерството низ транспарентен процес, ги селектираше општините каде што ќе има инвестиции, согласно рамката, односно определниот буџет, кој го имаме за оваа година. Исто така, сите училишта кои се финансираат од буџетот на Република Македонија, треба да бидат инклузивни. Така и ова училиште. Со 25 милионска инвестиција, која ја имаме за овој објект, сите ученици, инклузивно, ќе можат од овој дел на општина Ѓорче Петров, да го посетуваат и да имаат квалитетна настава, рече Царовска, изразувајќи надеж дека инвестицијата многу брзо ќе биде завршена.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Наумоски објасни дека се работи за доградба на основното училиште, кое 2016 година, било пуштено преку адаптиран објект од Министерството за одбрана.

– Се работи за шест нови училници, тоалети за лица со посебни потреби, со хоризонтална пристапност, со рампи, и прв пат во нашата општина имаме и вертикална пристапност, односно лифт. Динамиката на изведување на активностите е околу 20 месеци. Меѓутоа, се надеваме дека училиштето ќе биде завршено пред роковите, изјави Наумоски.

Тој истакна дека општината се соочила со многу проблеми околу имотно-правни односи, кои требала да ги реши, не само за училиштето туку и за доградба на градинката „Росица“, која се наоѓа спроти него