Театарот ,,Јордан Хаџи Константинов- Џинот“ од Велес, со претставата „Кралските копилиња“,на 15 март ќе настапи онлајн на 47-то издание на фестивалот „Сараевска зима“. Поради пандемијата фестивалската програма во најголем дел ќе биде прикажана онлајн, односно претставите ќе се одржуваат на матичните сцени, а сараевската публика ќе ги проследи преку видео стриминг.

Како што појаснуваат од велешкиот театар, претставата „Кралските копилиња“ од Сашо Димоски, во својата жанровска дефиниција е театар на телото во епски слики, работена според пост-тројанскиот митски циклус, сместен во кралската куќа Арг.

„Кралските копилиња“ е приказна за боголуѓето која се случува непосредно по завршувањето на војната за Троја и зборува за неможноста траумата да биде избришана како цивилизациско наследство и за кругот преку кој таа траума комуницира со секое време и простор.

Автор на текстот, режисер и автор на аудио-визуелниот концепт на претставата е Сашо Димоски, режијата на сценското движење е на Васил Зафирчев, видео-дизајнот и анимациите се на Данчо Стефков и Крсте Шупев, сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Катерина Чукниева, музички соработник е Сашко Костов, а автор на дигиталните скулптури и плакатот е Адам Мартинакис.

Во претставата настапуваат актерите Васил Зафирчев како Агамемнон, Кети Борисовска како Клитемнестра, Талија Настова како Електра, Жарко Спасовски како Орест, Маја Љутков како Касандра, Фаик Мефаилоски како Егист и Марија Стефановска како Ифигенија.


Администратор
04/03/2021 15:29